Белград за повлекувањето од Скопје: Офанзивно разузнавачко дејствување со учество на странски фактор
Српскиот претседател, Александар Вучиќ ги откри причините за повлекувањето на персоналот од амбасадата во Македонија- имаат докази и сознанија за офанзивно разузнавачко дејствување против органите и институциите на неговата земја. Дачиќ тврди оти имало присуство и на странски фактор...

Во Македонија постои засилено офанзивно разузнавачко дејствување против српски инстиуции во кои бил присутен и странски фактор. До вакви информации стигнал официјален Белград поради што ги повлекол дипломатите од земјава и целосно ја испразнил амбасадата на Водно.
„Нашите надлежни органи, на луѓето во Владата и мене ни дадоа доволно докази за сознанијата што ги имаат за постоење на офанзивно разузнавачко дејствување против одредени органи и институции на Република Србија. Ние ќе продолжиме да развиваме пријателски однос меѓу Белград и Скопје. Наша работа е нашите луѓе да бидат подготвени. Веројатно ќе има и некои промени во нашиот персонал за да се заштити пријателството меѓу Србите и Македонците, а истовремено да знаеме и како е да се дејствува во поинакво ново опкружување кое не ни беше познато до пред неколку месеци“, изјави претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.
По одржаните консултации, државниот врв одлучил дипломатите идната недела да се вратат во Скопје. Амбасадорот, како што вели српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, ќе се врати подоцна,откако Белград ќе ги преиспита подготвеноста и капацитетот на амбасадата за работење во актуелните услови во Македонија.
„Наша обврска е да го заштитиме нашиот интерес и во склад со тоа ќе ги применуваме основните дипломатски принципи од меѓународните односи, принципот на реципроцитет во сите области“, изјави министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ.
Во земјава, координација меѓу ресорните министерства. Целиот персонал од српската амбасада во Скопје ноќеска е повчелен на итни консултации во Белград. Силно полициско обезбедување во текот на ноќта ги чуваше службените простории на српското дипломатско претставништво.
Анита Димитријевска
