Шпанија: Бројот на загинати се искачи на 15, се трага по Абујакуб
Полициски рации во каталонскиот град Рипол, каде живеат повеќето осомничени за терористичкиот напад. Истражителите соопштија дека мароканецот Јунес Абујакуб го управувал комбето кое влета во луѓе во центарот на Барселона, на познатото шеталиште Ла Рабла. Автомобилот од нападот во Камбрилс, пак, бил снимен и во Париз. Бројот на загинати се искачи на 15...

22-годишниот Јунес Абујакуб од Мароко го управувал возилото со кое беа убиени 13 цивили на шеталиштето Ла Рамбла во Барселона. Медиумите објавија снимки на кои се гледа како смирено заминува од местото на злосторот. Полицијата истражува дали по инцидентот украл и возило од шпански државјанин кој бил избоден до смрт со што стана 15 жртва во нападите, вклучувајќи ја и жената што им подлегна на повредите во Камбрилс.
Во куќата во Алканар, каде што терористите веројатно правеле бомби, се откриени над 120 канистери со бензин. Полицијата верува дека планирале да ги наполнат трите изнајмени комбиња со плински боци и експлозив, но откако по грешка им се случила детонацијата, решиле со празно возило да прегазат цивили. Постојат и индикации дека цел на нападот можела да биде базиликата Саграда фамилија.
„Терористите во Каталонија подготвувале поголема експлозија. 12 лица се одговорни за терористичките напади во Барселона и Камбрилс, седум од нив се убиени, четири се во притвор, а еден е се уште во бегство“, изјави Жозеф Луис Траперо, шеф на полицијата на Каталонија.
Семејството на Абујакуб тврди дека имамот Сати, кој избегал во Мароко, манипулирал со момчето. Тој веќе отслужувал затворска казна и комуницирал со луѓе поврзани со бомбашките напади во Мадрид од 2004-та година. Мајката на осомничениот во бегство го повика синот да и се предаде на полицијата.
„Не сакам да убиваш други. Подобро да бидеш во затвор отколку да умреш. Имаше нормален живот. Мислам дека некој му го испрал мозокот. Исламот е вера на мирот“, изјави Хану Ганими, мајка на Јонус Абујакуб.
Во Шпанија се организираат комеморативни собири за загинатите. Во базиликата Саграда фамилија се одржа миса.
„Ова е обид да се обединиме со сите верници во светот, но и со оние кои не се верници. Да ги споделиме болката и солидарноста.“
„Не верувам дека Господ дозволува вакво насилство. Не е праведно. Не верувам ни дека нивниот бог го дозволува ова.“
„Мисата значи дека сме на иста страна, се бориме за мир, мора да продолжиме со борбата без да ги стигматизираме муслиманите.“
И муслиманската заедница ги осуди нападите и повика на мирен соживот. Во меѓувреме, нивниот најголем храм во Гранада беше напад од ултрадесничарска фракција.
Маја Филдишев
