Повредените во сообраќајката кај Велес се во стабилна состојба

21.08.2017 16:25

Почина 68- годишна жена која беше хоспитализирана на скопските клиники по автобуската несреќа кај велешка Кула. Се санираат повредите на 27 туристи. Обвинителството ги истражува причините за излетувањето на автобусот од патот. Туристичката агенција жали за настанот. Вели – возилото било технички исправно...

Жртва од сообраќајната несреќа со автобусот е 68- годишна жена. Повредени се 27 патници, надвор се од животна опасност- информираат од Министерство за здравство. Пациентите се на возраст од 9 до 70 години. Меѓу нив има две деца. Дел од хоспитализираните наскоро ќе бидат пуштени дома, оние со посериозни повреди ќе останат на лекување.

„Деветгодишно девојче е посериозно повредено на левата рака и е на КАРИЛ. Иако бил одвоен делот од надлактицата надолу, докторите успеале да ја оперираат и да ја спасат раката. Долниот дел на раката има пулсации, температура, а нашите хирурзи направиле да се среди циркулацијата. Има реални шанси таа рака да профункционира како што треба, благодарение на екипата доктори во Клиничкиот центар“, истакна министерот за здравство, Арбен Таравари.

17 пациенти се лекуваат на скопските клиники.

„Самата бројка покажува дека освен бројчано, и во однос на тежината на повредата, ние ги згрижуваме најтешките пациенти“, изјави д-р Илир Хасани, директор на Ургентниот центар на скопските клиники.

Еден повреден патник се лекува во градската болница „8- ми Септември“, петмина се во велешката болница. Четворица пациенти се со потрес на мозок и набиеници и се задржани на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

„Сите се во добра општа состојба, хируршка интервенција во текот на изминатата ноќ не се наложи“, вели д-р Иван Спировски, директор на болницата „Св. Наум Охридски“ – Скопје.

Надлежните велат се утврдуваат причините за несреќата.

„Увид на местото на настанот изврши јавен обвинител од ОЈО Велес, во содејство со увидна екипа од СВР Велес. Увидот на лице место ќе продолжи во текот на денешниот ден, и се работи на целосно расчистување на случајот“, изјави Лиза Бендевска, МВР.

По наредба на јавниот обвинител, од возачот на автобусот е земен примерок на крв за анализа. Се врши и вонреден технички преглед на возилото.

Од туристичката агенција „Савана“ информираат дека возилото е релативно ново и ги исполнувало сите стандарди. Со превозникот „Бус травел“ соработувале повеќе години.

 

Наташа Јанчиќ