Почнува процедурата за избор на нов јавен обвинител

22.08.2017 08:12

Владата на седницата ќе постави на дневен ред Предлог-заклучок, со кој ќе му предложи на Собранието да го огласи именувањето на јавен обвинител...

Владата на Република Македонија денеска на редовна седница ќе му препорача на Собранието да ја почне процедурата за избор на нов јавен обвинител. Владата на седницата ќе постави на дневен ред Предлог-заклучок, со кој ќе му предложи на Собранието да го огласи именувањето на  јавен обвинител.

Според член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на РМ по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија" и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во  „Службен весник". Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Потоа одлуката оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.

Владата се залага, примарна цел на новиот Јавен обвинител да бидат интересите на граѓаните, а тој да биде личност со интегритет и углед и да ги почитува законот и Уставот.

Мандатот на државниот обвинител е шест години со право на повторно именување.