Стратегија

Америка испраќа нови војници во Авганистан

22.08.2017 12:32

Брзо повлекување на американските трупи од Авганистан не е веќе предмет на дискусија. Претставувајќи ја новата стратегија, американскиот претседател Трамп, најави испраќање дополнителни војници во земјата. Во првото телевизиско обраќање како претседател, најави борба до победа во Авганистан, предупредувајќи го Пакистан да не им дава засолниште на бунтовниците. Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг ја поздрави одлуката на американскиот претседател да испрати дополнителни воени сили во Авганистан. Се огласија и Талибанците- Авганистан ќе биде нова гробница за САД ако не ја повлечат војската...

САД не можат да си дозволат брзо повлекување од Авганистан – порача претседателот Доналд Трамп од воената база Форт Маерс во Вирџинија. Тој во своето прво официјално телевизиско обраќање до нацијата ја претстави новата Стратегија. Наведе дека ќе зависи од околностите на теренот, а не од временските рамки.

„Брзото повлекување ќе создаде вакуум што терористите, вклучувајќи ги Исламска држава и Ал Каеда веднаш ќе го пополнат, како што се случи пред 11 септември. Како што знаеме, Америка во 2011 година, по грешка, брзо се повлече од Ирак. Како резултат на тоа, придобивките што ги добивме со голем напор повторно преминаа во рацете на терористите, нашиот непријател“, изјави претседателот Доналд Трамп.

Американскиот претседател најави борба до победа во Авганистан. Соопшти дека на оружените сили ќе им се прошират овластувањата и ќе се зголеми бројот на војниците.

„Отсега дефиницијата за победа ќе биде многу јасна: напад на нашите непријатели, збришување на Исламска држава, уништување на Ал Каеда, спречување на Талибанците да го заземат Авганистан и запирање на масовните терористички напади против Америка. Ќе побараме од нашите НАТО сојузници и глобални партнери да ја поддржат новата стратегија со дополнителни трупи и финансиски средства, во согласност со она што ние до даваме. Уверени сме дека ќе прифатат“, рече Трамп.

Најавено е испраќање на уште 4.000 војници во Авганистан, како поддршка на веќе стационираните 8.400. Секретарот за одбрана, Џејмс Матис изјави и оти многу сојузници се подготвени да ги зголемат своите контингенти.  Трамп испрати порака и до властите во Кабул  да го понесат својот дел од товарот во борбата против терористите.

„Америка ќе продолжи да соработува со Владата на Авганистан сè додека гледаме одлучност и напредок. Сепак, нашата посветеност не е неограничена и не даваме бланко поддршка. Владата во Авганистан мора да понесе дел од воениот, политичкиот и од економскиот товар. Сакаме да видиме реформи, напредок и резултати“, изјави Трамп.

Се огласија и Талибанците. Порачаа дека Авганистан може да се претвори во нова гробница за САД доколку не ја повлечат војската. Новата стратегија ја оценија како „нејасна“ и „застарена“.

Реакција и од НАТО. Генералниот секретар Јенс Столтенберг е задоволен од одлуката на САД за испраќање дополнителни воени сили. Соопшти дека Алијансата има 12 илјади војници во Авганистан и оти 15 држави ветиле исраќање на нови сили.

САД ја почнаа интервенцијата во Авганистан на 7 октомври 2001 година, како одговор на терористичките напади на Њујорк и Вашингтон на 11 септември. Од 2015 година и Македонија учествува во мисијата на НАТО во оваа земја наречена „Одлучна поддршка“.

 

Мартин Пушевски