Земјотрес на островот Искија, екипите трагаат по исчезнатите

22.08.2017 13:26

Две лица загинаа во земјотресот што синоќа го зафати италијанскиот остров Искија, во близина до Неапол. Повредени се 40-на лица, од кои едно потешко. Спасувачките екипи трагаат по затрупани кои останале под урнатините. Земјотресот со јачина од 4 степени според Рихтер се случил на длабочина од 10 километри. Многу од зградите во туристичкото место се урнати, а островот е без струја...

Италијанците повторно спијат под отворено небо. Во земјотресот од 4 рихтери во Искија загинаа две лица. Пред една година во летниот период се случи силен потрес во централниот дел на Апенинскиот полусотров во кој загинаа стотици луѓе.

Две тела се пронајдени по земјотресот од 4 рихтери на јужниот италијански остров Искија. Повредени се четириесетина луѓе. Екипите на терен успеаја да спасат седуммесечно бебе, а во тек е операција за пронаоѓање и на неговите браќа кои се заробени во урнатините на семејниот дом.

„Досега не сме виделе нешто вакво на островот. Сме имале земјотрес и порано, но не ваков.“

„Уништен ни е домот. Не можеме ни да влеземе. Што да правиме сега? Паднав додека спиев, не ми беше јасно што се случува.“

„Околу девет часот почувствуваме земјотрес. Уништена е и нашата куќа. Преспавме надвор, во автомобилот“- велат жители на островот.

Десетици туристи прерано го завршија летниот одмор. Евакуирани се хотел и делови од болница. Островот до крајбрежјето на Неапол има 50.000 жители. Голем дел од домаќинствата останаа без електрична енергија

Последниот силен земјотрес во овој дел од Италија се случил во 1883 година кога загинале над 2.000 луѓе.

Апенинскиот полуостров беше погоден од потрес со голема магнитуда во летниот период лани во кој имаше стотици жртви.

 

Маја Филдишев