Почна формирањето на одборите за локалните избори

22.08.2017 15:45

За четири дена, преку софтверот на Државната изборна комисија по случан избор треба да бидат избрани речиси 21 илјада претседатели, заменици, членови и заменици- членови за 80 општински комисии. Надлежните тврдат – нема простор за манипулации. Опозицијата има сомнеж...

Почна изборот на претседател и двајца членови и нивни заменици на избирачките одбори за локалните избори закажани за 15-ти октомври. Според ДИК, изборот се врши преку софтвер и од базата на државната и јавната администрација селектирана по општини, добиена од Министерството за информатичко општество и администрација. По пат на случаен избор во наредните четири дена треба да бидат избрани вкупно 20.886 лица во избирачките одбори за 80 општински комисии.

Членовите на ДИК кои се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека до нив не е доставен комплетниот список на административци по општини, иако на седницата на ДИК, секторот за информатика бил задолжен да ги достави податоците по однос на образовниот профил на вработените, етничкиот состав и половата структура на административците за секоја општина поединечно. Тие сметаат дека без комплетни информации е можна манипулација со случајниот избор на органите за спроведување на изборите.

Политичките партии од власта и од опозицијата треба да предложат по двајца членови, или вкупно 13.924 членови за избирачките одбори. Вкупно треба да бидат именувани 34.810 лица.

Течат и роковите за увид во Избирачкиот список што ќе трае до 9-ти септември на полноќ. Во тек е и процесот за собирање на потписи за независни листи на кандидати за градоначалник и за советници кој ќе трае до 4-ти септември на полноќ.

 

Игор Панов