Не запира жестоката реторика на Белград кон Скопје

22.08.2017 16:34

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, вели- одлуката за повлекување на персоналот од амбасадата е порака, дека знаат сѐ што се случувало. Во дипломатската војна се вклучија и тамошните медиуми...

„Постојат офанзивни, недвосмислено потврдени активности против Република Србија во целост, и против нашата амбасада во целост. Ги повлековме вработените од амбасадата во Скопје бидејќи имаме сериозни сознанија дека сме прислушувани.“ Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во интервју за домашен медиум рече дека дипломатскиот чекор бил преземeн за да бидат внимателни.

Она за што сериозно забележува српскиот министер е ставот на Владата околу приемот на Косово во УНЕСКО, дека Македонија ќе го поддржи ставот на Европската унија. Во тој случај, вели Дачиќ, неговата земја ќе ја промени одлуката за признавањето на Македонија под уставно име и ќе ја именува според одлуката на ЕУ.

„Од интерес за Македонија е прашањето за името. Исто така, од интерес за Србија е важно прашањето за Косово. Не е реципроцитет тоа што ние ги признавме под името Македонија иако цела Европа официјално во документите ги води како ПЈРМ. Со тоа им ставивме прст во око на нашите пријатели, Грците, кои не го признаа Косово. Тоа е ситуација која е штетна по нашите државни интереси“- рече министерот Дачиќ.

Она што за некои беше изненадување, за некои продолжување на веќе воспоставената практика се насловите кои денеска осамнаа во српските медиуми. Во нив стои дека Македонија ѝ објавила војна на нивната земја и дека земјава го прислушувала дури и Вучиќ. За дописникот на Македонската телевизија од Белград, новинарот Оливер Бранковиќ, ова е медиумски притисок кој има своја хронологија. Според него, се почнало на 3-ти јануари со изјавата на Дачиќ дека згрешиле што ја признале земјава под уставно име.

„Има бесклупулозна медиумска кампања насочена против Македонија. Единствена реакција на ова имаше опозицијата, од Саша Јанковиќ, кој даде еден нов термин- да престанат медиумите со таблоидна политизација во поглед на Македонија. Она што ја врзува таа медиумска кампања и дипломатијата е албанското прашање. Како се наговестуваа промените во Македонија, а особено и кога стапија на сила, и кога се засилија евроатланските аспирации на Македонија, оваа медиумска и дипломатска активност, сѐ повеќе и повеќе се засилуваше“, смета Оливер Бранковиќ- новинар.

Бранковиќ смета дека медиумската хистерија во Србија ќе потрае се додека земјата не реши дали ќе им се придружи на земјите од Унијата или пак ќе ја поддржи руската политика.

 

Катерина Топалова