Скопје одговори на обвинувањата на Белград

22.08.2017 16:48

„Владата ниту имала намера, ниту дала наредба, ниту извршила разузнавачки дејства“- министерот Димитров за обвинувањата на Белград и одлуката за повлекувањето на дипломатскиот персонал од земјава...

„Владата ниту имала намера, ниту дала наредба, ниту извршила разузнавачки дејства“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров за обвинувањата за следење, и одлуката за повлекувањето на дипломатскиот персонал од земјава. Вели дека Македонија сака и развива добри односи со сите соседи.

„Владата ниту имала намера, ниту дала наредба, ниту извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји, вклучувајќи ја тука и Србија, ниту пак некогаш ќе размислуваме во оваа насока“- рече шефот на дипломатијата Димитров,  нагласувајќи дека институциите работат согласно законот за заштита на уставниот поредок и на граѓаните на Република Македонија.

Додаде дека преку нашата амбасада во Белград побарале официјална информација за настанот, и ќе биде лошо ако се носат заклучоци пред да се добие таква информација.

„Република Македонија и оваа влада немаат тајни од овој тип. Бевме изненадени од таа одлука и од дипломатската нота во неделата, меѓутоа ние уште не сме имале директен разговор. Должни сме да бидеме трпеливи и да дочекаме информација и затоа е многу добро што утре ќе имаме прилика за таков разговор“, рече министерот Димитров.

Шефот на македонската дипломатија нагласи дека доколку има било какви недоразбирања, вистинскиот начин тие да се адресираат е преку директен разговор.