Заев и Вучиќ телефонски ќе разговараат за односите меѓу Скопје и Белград

23.08.2017 09:24

Телефонскиот разговор Вучиќ - Заев е закажан за денеска напладне во 12 часот. Српскиот претседател Вучиќ синоќа во интервју за РТС рече дека „работите меѓу Македонија и Србија ќе тргнат во подобар правец“. Најави дека за некој ден ќе биде вратен персоналот во амбасадата во Скопје...

Македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска треба телефонски да разговараат за последните случувања во односите меѓу Белград и Скопје и повлекувањето на целиот персонал од Амбасадата на Србија во Македонија. Како што пренесуваат српските медиуми, телефонскиот разговор Вучиќ - Заев е закажан за денеска напладне во 12 часот.

Српскиот претседател Вучиќ синоќа во интервју за РТС рече дека „работите меѓу Македонија и Србија ќе тргнат во подобар правец“. Најави дека за некој ден ќе биде вратен персоналот во амбасадата во Скопје и оти работите ќе се нормализираат. Вучиќ не очекува односите да бидат на највисоко ниво, туку, како што наведе, пристојни.

Владата на Република Македонија ги поздрави најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вчера на прес-конференција изјави дека Владата на Република Македонија ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција, ниту извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји, вклучувјаќи ја тука и Србија.

Србија во неделата го повлече целиот персонал од Амбасадата во Скопје, првично без образложение на причините. Ден подоцна, во понеделникот, српскиот претседател Вучиќ и министерот за надворешни работи Дачиќ, објавија дека дипломатите и вработените во амбасадата во Скопје биле повлечени поради „офанзивна разузнавачка активност против институциите на Србија“.