Олимпијада

Вилета е новата сензација на Роза Хута

14.02.2014 14:51

Скијачот чие име го немаше во ниту една медал комбинација пред трката, име кое немаше причина да биде споменато по 14-то место во спустот, победнички ги крена рацете на крајот од возбудливото натпреварување...

Нов изненадувачки епилог на машкиот дел од олимпиското алпско скијање. Победник во суперкомбинација е Швајцарецот Сандро Вилета! Скијачот чие име го немаше во ниту една медал комбинација пред трката, име кое немаше причина да биде споменато по 14-то место во спустот, победнички ги крена рацете на крајот од возбудливото натпреварување.

Никој досега на Олимпијадите од 14-то место по првиот дел не стигнал толку високо. Сензационална победа,  искована со извонредната слаломска трка. 28- годишниот Вилета ќе биде вечно славен во својата земја. На Швајцарија и го донесе првото  злато во оваа дисциплина во олимписката историја.Од петмината фаворити на хартија, само Хрватот Ивица Костелиќ освои медал. Трет сребрен едноподруго на Олимпијадите во суперкомбинација. За 34 стотинки стотинки  имаше послабо вкупно време од Вилета.Со оглед на слаломските можности, пропушти голема шанса за освојување на златен олимписки медал.

Италијанецот Криштоф Инерхофер втор пат во Сочи е на подиумот со бронзен медал, по среброто во дисциплината спуст. Американецот Боди Милер не го одбрани златото од Ванкувер,на крај е 6-ти, а од фаворитите Норвежанецот Свиндал остана на 8-то место, Американецот Лигети е 12-ти, а Французинот Алексис Пантуро излета од патеката за слалом. За одбележување е извонредната слаломска трка на анонимниот Словак Адам Зампа, по која од 28-то место во спуст, се искачи до одличното 5-то место.

Супер комбинација: резултати

1.Сандро Вилета (Шв) 2:45.20 мин

2.Ивица Костелиќ (Хр) +0.34 сек.

3.Криштоф Инерхофер (И) +0.47 сек.

4.Кјетил Јансруд (Нор) + 1.06 сек.

5.Адам Зампа(Словачка) +1.14 сек.