Корејска криза

Вашингтон и Пјонгјанг ја омекнуваат реториката

23.08.2017 13:13

Откако Обединетите нации ја усвоија резолуцијата за Северна Кореја, се намалуваат тензиите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг. Иако Северна Кореја најавува зголемено производството на боеви глави за балистички ракети, нема директни закани кон САД. Москва смета дека санкциите нема да придонесат Северна Кореја да се откаже од развивањето на нуклеарната и ракетната програма...

САД и Северна Кореја ја смируваат топката. Вашингтон ја пофали воздржаноста на Пјонгјанг во изминатиов период и оцени оти се отвора можност за дијалог меѓу двете земји.

„По едногласнното усвојување на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации немаше никакви ракетни лансирања или други провокативни акти од Северна Кореја. Сакам да го нагласам тоа и да додадам дека сум задоволен што режимот во Северна Кореја демонстираше одредено ниво на воздржаност кое не сме го гледале во минатото. Се надеваме дека е ова почетениот сигнал што долго го очекувавме“ – изјави Рекс Тилерсон, државен секретар на САД.

Откако Тилерсон ја испрати пораката се огласи и Пјонгјанг. Севернокорејската државна новинска агенција пренесе дека лидерот на земјата, Ким Јонг Ун наредил да се зголеми производството на боеви глави за балистички ракети и ракетни мотори со тврди гориво. Сепак, повеќе медиуми пренесоа дека овојпат немало остри закани кон САД, што се толкува како омекнување на реториката и од Северна Кореја.

Во исто време се огласи и Москва. Побара прашањето со Северна Кореја да се решава преку дијалог.

„Натамошните санкциите нема да дадат резултат и нема да придонесат Северна Кореја да се откаже од развивањето на нуклеарната и ракетната програма“ – изјави Сергеј Рјабков, заменик – министер за надворешни работи на Русија.

Тензиите меѓу САД и Северна Кореја во изминатите месеци беа на исклучително високо ниво, откако Пјонгјанг изведе две тестирања на интерконтинентални балистички ракети и се закани со напад врз Гуам, американска територија на Пацификот, а претседателот Трамп најави одговор со „оган“ и „гнев“. 

 

Мартин Пушевски