Со европски пари ќе се гради Дреново- Градско
Ќе се гради експресен пат од Градско до Дреново со грант од 35,4 милиони евра од Европската унија. Градежните активности ќе почнат до крајот на годинава- велат од надлежното министерство...

До крајот на годинава ќе почнат градежните активности, за две години Градско и Дреново ќе ги поврзе екпресен пат. За делницата долга 15 километри обезбеден е и грант од ЕУ тежок 35,4 милиони евра- изјави министерот Сугаревски. Реализацијата ќе се финансира и со 32 милиони од државната каса за годинава, по 103 милиони денари ќе бидат поектирани во буџетот и следните две години.
„Изградбата на патот Градско- Дреново е прва фаза. Втората фаза која предвидува изградба на делницата од Фаришка до Дреновска клисура е во тек, но се соочуваат со проблеми на кои секојдневно работат за да се надминат. За третата фаза од Тројаци до Плетвар, вклучително и влезот во Прилеп, сме во напредни преговори повторно со Европската Унија за да обезбедиме дополнителни средства. Очекуваме некаде крајот на 2019-та, почетокот на 2020-та година да имаме комплетно нов експресен пат од Градско до Прилеп“- посочува Сугаревски.
Со намалено темпо, и засилен надзор се работи и на изградбата на автопатиштата- вели Сугаревски. Ќе се потпишува анекс за продолжување на договорот за интензивирање на активностите на Миладиновци- Штип, се пресметува колку дополнителни средства ќе бидат потребни за Охрид- Кичево. Ќе се дислоцира и далекуводот на МЕПСО, постапката е во тек, делницата Миладиновци- Штип ќе биде пуштена до крајот на годинава, посочија од Министерството за транспорт.
„Во однос на вториот проблем со контролниот центрар, ќе се надмине така што земјиштето од РМ ќе се префрли на ЈП за државни патишта за да се поднесе барање за дозвола за градба“, вели Сугаревски.
До 2020-тата во форма на грантови од касата на Европските фондови, Македонија има на располагање 108,9 милиони евра за подобрување на патната и железничка инфраструктура во делот на Коридорите. Според Сугаревски, 60 милиони ќе бидат искористени за пругата кон Бугарија дел за последната фаза од експресниот пат кон Прилеп.
Сузана Фиданска- Стоевска
