Се бара причината за смртта на трите новороденчиња
Министерот за здравство Таравари на средба со директорката на Клиниката за гинекологија и акуштерство, за случајот со трите починати новороденчиња. Нивната смрт не е поради недостиг од инкубатори на клиниката, велат од ресорот здравство. Оттаму соопштуваат дека доколку во извештајот од комисиите се констатираат неправилности во третманот на новороденчињата, веднаш ќе бидат преземени соодветни, законски мерки...

Министерот за здравство денеска ја посети Клиниката за гинекологија за да се информира за смртта на новороденчињата. Од Министерството за здравство информираат дека доколку извештајот од комисиите констатира неправилности во третманот на новороденчињата, веднаш ќе бидат преземени соодветни, законски мерки.
Како што соопштуваат надлежните, директорката на гинекологија и раководителот на интензивна нега го информирале министерот дека кај пациентката станува збор за прва бременoст со вештачко оплодување и ризик поради гестациски дијабетес.
Пациентката, како што се посочува, претходно била трипати хоспитализирана во Клиничката болница во Тетово поради гинеколошко крварење. Породувањето било завршено оперативно со царски рез. Новороденчињата биле прифатени од педијатар и акушерка во операциона сала, при што е спроведена примарна реанимација, ставени се во инкубатор и транспортирани на Одделение за интензивна неонатална нега и терапија, стои во соопшението.
Од Министерството, ги демантираат тврдењата дека смртта на новороденчињата е поврзана со недостиг од инкубатори на Клиниката за гинекологија и акушерство. Од Клиниката тврдат дека со родителите е разговарано во неколку наврати и им била објаснета состојбата на бебињата, третманот како и процентите за преживување. Но, и покрај сите напори и дадената терапија, новороденчињата, за жал, починале следниот ден, се наведува во соопштението.
Од Министерството информираа дека Таравари ќе се сретне со родителите на починатите новороденчиња.
Наташа Јанчиќ
