Белград- Скопје: Предлог за заедничка владина седница
По враќањето на српскиот дипломатскиот персонал во Скопје, ќе следува барање од Белград за заедничка владина седница до крајот на годинава- Вучиќ ја известил македонската амбасадорка за чекорите за нормализирање на односите...

„Сите сметаме дека е потребно да работиме вредно и одговорно на унапредување на нашите односи“- ова го нагласил претседателот Александар Вучиќ на средбата со македонската амбасадорка во Србија, Вера Јовановска- Типко. Ја известил дека премиерката Брнабиќ ќе испрати повик до премиерот Заев за одржување заеднички седници на Владата на двете земји до крајот на оваа година во Белград.
Вучиќ на средбата со Јовановска- Типко зборувал и за одржувањето на Мешовитиот комитет за економска соработка. Договориле да одржат заеднички состанок по поставувањето на Советник за национална безбедност на соседната земја.
Српскиот претседател и македонската амбасадорка се согласиле и дека двете земји мораат да работат во областа на науката и културата, со посебен осврт на заштита и зачувување на мајчиниот јазик на малцинствата.
Дека работите меѓу Скопје и Белград се нормализираат сведочи и фактот за враќањето на вработените во Амбасадата во Скопје.
Дел од вработените во Амбасадата се веќе вратени, остатокот ќе пристигнат во текот на денешниот ден. Враќањето на амбасадорката Душанка Дивјак- Томиќ е најавено за идната недела на 31-ви август. Работата на Амбасадата официјално ќе започне од утре. Но, дека некој веќе бил во зградата укажуваат неколкуте отворени прозори на канцелариите.
Целиот дипломатски персонал беше повлечен од Српската амбасада во неделата кога од македонското МНР известија дека добиле протестна нота од Белград. Српските власти изразија сомнеж дека Македонија преземала разузнавачки активности на штета на Србија, што беше демантирано од македонската влада.
Изминативе четири дена веќе има смирувачки тонови од двете страни, а за утре во Ниш е закажана средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров со српскиот министер Ивица Дачиќ.
Катерина Топалова
