Средба Димитров- Дачиќ во Ниш
Персоналот од Амбасадата на Србија кој во неделата беше повлечен на итни консултации во Белград, од вчера почна да се враќа во Скопје. Српскиот претседател Вучиќ, на средба со македонската амбасадорка во Белград ги повтори заложбите за унапредување на односите меѓу двете земји...

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ, денеска во Ниш ќе разговараат за можностите за унапредување на односите меѓу двете земји. Предвидено е Димитров и Дачиќ по средбата да одржат и заедничка прес-конференција.
Персоналот од Амбасадата на Србија кој во неделата беше повлечен на итни консултации во Белград, од вчера почна да се враќа во Скопје. Според најавијте, амбасадорката Душанка Дивјак- Томиќ во Скопје се враќа на 31-ви август, а ден подоцна се очекува таа да биде примена од македонскиот премиер Заев.
Македонската амбасадорка во Белград, Вера Јовановска- Типко, пак, вчера беше примена од српскиот претседател Вучиќ, кој ги повтори заложбите за унапредување на односите меѓу двете земји и најави дека ќе биде иницирано одржување заедничка седница на владите на двете земји до крајот на годинава.
Заев и Вучиќ во телефонски разговор договорија принципи на идната соработка меѓу двете соседни земји. Договорено е Скопје и Белград да работат на зачувување и унапредување на билатералните односи, а секое евентуално несогласување ќе го решаваат исклучиво со дијалог.
Македонскиот премиер Заев и претседателот на Србија Вучиќ се согласија и дека без оглед на сите политички разлики за одредени важни политички регионални прашања, Македонија и Србија заеднички ќе се борат не само за зачувување, туку и за унапредување на пријателските односи меѓу македонскиот и српскиот народ и граѓаните на двете земји.
