Европските либерали со поддршка за Македонија

25.08.2017 14:44

Претседателот на Европските либералдемократи, Ханс ван Бален рече дека е убеден оти Македонија напредува и оти на земјата и е потребна политичка стабилност, а не нова влада секоја година...

Македонија одамна требаше да ги почне преговорите за членство со Унијата, но се знае од каде доаѓа проблемот, тврди претседателот на Европските либералдемократи, Ханс ван Бален. Тој на прес-конференција рече дека е убеден оти Македонија напредува и оти на земјата и е потребна политичка стабилност, а не нова влада секоја година.

Во однос на прашањето за името, тој посочи дека секогаш го сметал за грчки проблем, но, потенцираше тој, „новата влада рече ние ќе седнеме и ќе зборуваме со грчка влада и ќе се обидеме да најдеме решение“.

„Јас сум убеден дека вие ќе можете да ги решите вашите најголеми проблеми  и дека ние како ЕУ ќе седнеме со Македонија да го направиме тоа што требаше да биде направено пред многу години за преговорите за членство“, рече холандскиот европратеник додавајќи дека тоа ќе се случи и со НАТО и со други организации. 

Во однос на политичката состојба, Ван Бален смета дека оваа Влада се разликува по тоа што ги повикува пријателите и соседите и на маса со дијалог се обидува да ги реши проблемите.