Награди за најдобрите 18 рудари

25.08.2017 14:21

Рударскиот сектор, во кој работат над 10.000 лица во јуни годинава забележал раст на производството од 7,5% насто споредено со истиот период лани. Во пресрет на Денот на рударите, 28-ми август наградени најдобрите 18 рудари во земјава...

Илчо и Добри работат во рудниците 29, односно 32 години. Велат дека времето го прави своето, условите за работа се целосно изменети, новата механизација овозможува полесна работа и далеку поголемо производство, а охрабрува интересот на младите за вработување во рудниците. Во пресрет на Денот на рударите, министерот за економија ги награди најдобрите 18 рудари, а благодарници добија 6 научни институции и стручни асоцијации.

Во 120 активни рудници во земјава работно се ангажирани околу 13 илјади вработени, а овој сектор е еден од водечките сектори во индустриското производство и со сериозен извозен потенцијал. Расте бројот на странски и на домашни компании заинтересирани да инвестираат во рударството и во експлоатација на металични минерални суровини, јаглен како и за украсен камен.

„Индустриското производство во секторот рударство во јуни годинава бележи пораст од 7,5% во однос на истиот перид лани, а прометот во овој индустриски сектор е зголемен за 1,2%“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Македонската асоцијацијата за рударство МАР побара да сопре хајката против отворањето нови рудници во земјава, со појаснување дека во домашните рудници се користи најсовремена опрема и механизација и се применуваат најнови постапки за ескплоатација со почитување на меѓународните еколошки стандарди.

Рударскиот еснаф го поддржува зголемувањето на минималната плата во земјава и се залага за зголемување на платите на вработените во рударските компании.

„Мораме да се заложиме таа спирала да ја задвижиме и на тој начин ќе оставиме друг белег во однос на оној што се кажува дека рударството, односно луѓето во рудниците живеат добро и дека рударството значи многу за Македонија“, вели Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство.

Николов побара поддршка од државата во откривање нови рудни наоѓалишта и за развој на рударството. Новите инвестиции ќе го продолжат векот за експлоатација на рудниците за десеттици години, што ќе овозможи нови вработувања, зголемено производство и извоз, но и просперитет на пошироката заедница, вели Николов.

 

Свето Николовски