Расте доходовната нееднаквост

25.08.2017 14:52

Расте доходовната нееднаквост во земјава. Ова го покажала анализата на Министерството за финансии. Само 3 насто од населението имаат доход колку половина од вработените...

Расте доходовната нееднаквост во земјава- соопшти Министерството за финансии. Од ресорот информираат дека 3 проценти од населението имаат богаство како половина од вработените. Еден процент имаат месечен доход над 1.523 евра, додека 50 насто заработуваат под 212 евра месечно.

„Овие податоци се базираат на податоците на УЈП, ќе помогнат во правење анализи кои ќе влијаат на подобрување на економските и социјалните политики, кои ги креираат не само институциите, туку и истражувачката и академската јавност. Исто така, објавените податоци ќе создаваат притисок да се работи на намалување на нееднаквоста на доходот во Македонија“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Разликите во примањата на менаџерите и вработените се огромни- вели Бранимир Јовановиќ од Министерството. Како пример ги посочи работниците во една текстилна фабрика, каде 376 вработени имале по 140 евра просечен доход, додека еден вработен заработувал по 73.000 евра. Оваа анализа треба да биде вовед во имплеменатцијата на прогресивните даноци кои ќе треба да го намалат овој јаз, вели Јовановиќ. Исто така, во оваа насока е и воведувањето минимална плата.

„Во Македонија најбогатите остваруваат 14% од вкупниот доход, но што значат овие проценти. Ако вкупниот личен доход во 2016 година во Македонија изнесува околу 3,4 милијарди евра, 14% од нив, односно 470 милиони евра завршиле кај најбогатите 1% од луѓето. Тоа значи дека просечниот личен доход кај најбогатите е за 14 пати поголем од просечниот личен дохот во државата“, изјави Бранимир Јовановиќ.

Според анализите на Министерството за финансии, поголем процент од доходот по основ на закупнини, дивиденди и камати завршува во џебот на побогатите.

Студиите од европските земји покажуваат дека растот на доходовната нееднаквост доведува до појава на кризи, понизок економски раст, полошо здравство, полошо образование, како и повисока стапка на криминал.

 

Дијана Ценевска