Околу 5.000 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во подрачните канцеларии на ДИК
Денеска треба да заврши изборот на членовите на избирачките одбори од вработените во администрацијата за 80 општини што Општинските изборни комисии (ОИК) го вршат преку софтверот на ДИК.

Увид во Избирачкиот список за локалните избори во подрачните единици на Државната изборна комисија (ДИК) и во нивните канцеларии ширум земјата до вчера извршиле 4.579 граѓани. Граѓаните вршат увид во Избирачкиот список и преку веб страната на ДИК. Увидот, според Роковниот на ДИК, ќе трае до 9 септември на полноќ.
Денеска треба да заврши изборот на членовите на избирачките одбори од вработените во администрацијата за 80 општини што Општинските изборни комисии (ОИК) го вршат преку софтверот на ДИК. Политичките партии со освоени најмногу гласови на минатите избори, своите предлози за членови на избирачките одбори до ОИК треба да ги достават до вторник 29 август, поради викендот и празникот во понеделник.
Во подрачните единици и канцеларии на ДИК во тек е собирање потписи за независните листи за советници и за градоначалници. Рокот за собирање потписи за независните листи пред ДИК трае 15 дена и завршува на 4 септември.
