Итна средба на Советот за безбедност на ОН за Северна Кореја
По лансирањето на ракетата, државниот секретар на САД Рекс Тилерсон и јужнокорејската надворешна министерка Кан Кион-хва се согласија да разгледаат построги санкции против Северна Кореја, се наведува во соопштение од Сеул.

Советот за безбедност на ОН ќе се собере денеска попладне на итен состанок за Северна Кореја по барање на Токио и Вашингтон, откако Северна Кореја утринава истрела ракета која прелета над Јапонија.
Претходно лидерите на САД и на Јапонија се договорија „да го зголемат притисокот врз Северна Кореја“, посочи јапонскиот премиер Шинѕо Абе.
По лансирањето на ракетата, државниот секретар на САД Рекс Тилерсон и јужнокорејската надворешна министерка Кан Кион-хва се согласија да разгледаат построги санкции против Северна Кореја, се наведува во соопштение од Сеул.
Јапонското Министерство за одбрана смета дека ракети, како оние кои беа денеска истрелани од Северна Кореја можат да стигнат до територијата на тихоокеансикиот остров Гуам, каде има воени објекти на САД, изјави министерот за одбрана Ицунори Онодера.
Според јапонските власти, истреланата ракета прелетала близу 2700 километри, на висина до 550 километри и паднала во Тихиот Океан. Јапонското Министерство за одбрана смета дека станува збор за ракета со среден дострел, веројатно „Хвасон-12“.
