Ураганот Харви се враќа на копното
Библиски поплави во Тексас. Американската метеоролошка служба најави- ураганот Харви се враќа во мексиканскиот залив, а потоа од петок повторно е во Тексас. На некои места поплавите достигнаа и до два метра. Околу три илјади припадници на националната гарда се борат со стихијата...

Рекордни 75 сантиметри дожд се измерени во градот Хјустон кој се бори со моќниот ураган Харви. Улиците се претворени во реки, а синоптичарите најавуваат удвојување на количеството врнежи кон крајот на неделава. Освен човечки жртви, повредени и исчезнати, невремето предизвика огромна материјална штета. Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе ги посети погодените региони.
„Насекаде има вода. Само што не спасија, дури сега гледам колку многу вода има. Ова е невидено нешто. Само толку можам да ви кажам.“
„Добро се држам, се обидувам да им помогнам на луѓето. Изморен сум, но целта е голема. особено кога му помагам на мало дете. Децата не треба да се изложени на вакво невреме.“
Харви стигна на копното како ураган од четврта категорија, предизвикувајќи неочекувано големи поплави. Подоцна премина во тропска бура, но со разорувачка моќ. Во околината на Хјустон, четвртиот по големина град во САД, се спасени 3.000 луѓе. Во Луизијана е прогласена вонредна состојба.
„Спасувањето на луѓето од поплавите останува приоритет. Екипите во Хјустон завршија голема работа. Илјадници граѓани побараа помош и тие успеаја да стигнат до нив“, изјави Силвестер Тарнер, градоначалник на Хјустон.
И соседно Мексико понуди поддршка.
„Властите од Мексико понудија помош. Подготвени се да ни дадат што и да ни треба, бродови, храна, персонал. Тие учествуваа и во спасувачките операции за Катрина. Ќе контактираме со нив за се што ни треба“, изјави Грег Абот, гувернер на Тексас.
Гувернерот Грег Абот ја мобилизираше целата Национална гарда на Тексас, од околу 12 илјади т.н. „граѓански војници“ за да им помогнат на националните сили во операцијата за спасување и потрага по исчезнатите. Пред Харви, најразорните бури во САД беа Катрина и Алисон.
Маја Филдишев
