Советот на обвинители треба да назначи в.д. на местото на Зврлевски
Откако Собранието го разреши Марко Зврлевски, највисоката обвинителската функција ја извршува неговата заменичка Лилјана Спасовска, која останува на оваа позиција додека Советот избере вршител на должноста.

Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница на која треба да се назначи вршител на должноста јавен обвинител на Република Македонија, на местото на Марко Зврлевски. Седницата требаше да се одржи на 24 април, но поради немање кворум беше презакажана за денеска.
Откако Собранието го разреши Марко Зврлевски, највисоката обвинителската функција ја извршува неговата заменичка Лилјана Спасовска, која останува на оваа позиција додека Советот избере вршител на должноста.
Вршителот на должност ќе ја извршува функцијата сѐ додека не се назначи нов републички Јавен обвинител. Владата минатата седмица му предложи на Собранието да ја отпочне постапката за избор на обвинител кој ќе седне на испразнетото место на разрешениот Марко Зврлевски.
Парламентот за 4ти септември го стави на дневен ред предлогот за огласување именување на јавниот обвинител. Штом огласот излезе во Службен весник, кандидатите имаат рок од 15 дена да достават апликација. Исто толку дена им стојат на располагање на членовите на Советот на јавните обвинители да се изјаснат позитивно или негативно по однос на доставените документи на секој од кандидатите. Потоа Владата избира еден од кандидатите за има согласнотст и го предлага на гласање во парламентот.
Јавниот обвинител се избира со 61 глас. Има мандат од 6 години.
