ДКСК: Постапки за дисциплински и откази по распишување на изборите
32-ца државни службеници вработени во Генералниот секретаријат на Владата поднеле приговор до Антикорупциска. Според нив, спротивно на Изборниот законик што забранува именување и разрешување пред и за време на избори била поведена постапка за нивна смена. На јавна седница Државната комисија за спречување корупција го разгледуваше и приговорот на поранешната директорка на Агенцијата за вработување- Скопје, Алексовска, која спротивно на законот е прераспределена пет скалила пониско...

Триесет и двајца државни службеници вработени во Генералниот секретаријат на Владата поднеле приговор до антикорупционерите, зошто според нив, спротивно на Изборниот законик, е поведена постапка за нивна смена. На јавна седница седумте члена на Државната комисија за спречување корупција ги разгледаа трите приговори поднесени до нив. Првиот приговор го поднел административниот службеник од Кичево, Димче Стојановски, бидејќи Генералниот секретаријат на Владата повел дисциплинска постапка за прекинување на работниот однос.
Слободанка Алексовска од Скопје, поднела приговор до антикорупционерите како поранешен раководител на Центарот за вработување во Скопје. Во него се наведува дека в.д. директорката на Агенцијата за вработување спротивно на законот ја прераспределила на пет работни позиции пониско, отворила дисциплинска постапка против неа и донела решение за суспензија.
Антикорупционерите решија да се обратат до институциите и да побараат одговор во рок од 15 дена за поднесените приговори до нив.
Претседателот на ДКСК, Игор Тантуровски, на прашање за поднесениот приговор од поранешниот директор на Агенцијата за планирање на просторот, Љупчо Георгиевски, за прекршување на Изборниот законик, рече дека постапката е сè уште во тек.
Игор Панов
