Се чекаат анализите на комисиите за смртта на новороденчињата

29.08.2017 14:44

Нема нови детали за смртта на трите бебиња на Гинекологија. Се чекаат резултатите на комисиите. Се чека и на обдукцијата за откривање на причината за смртта на двегодишното девојче од Охрид...

Извештајот на надлежната комисија ќе ја открие причината за смртта на трите новороденчиња. Министерот за здравство, Арбен Таравари вели- наскоро ќе се дознае вистината и ќе се стави крај на информациите кои од минатата недела ја брануваат јавноста.

Таравари за смртта на двегодишното девојче од Охрид рече дека се чека обдукцискиот наод. Според првичниот лекарски извештај се работело за вироза, по дадената терапија девојчето било пратено дома, подоцна починало. Министерот истакна дека надлежните го следат случајот и доколу има лекарска грешка, за одговорните ќе има казни.

ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од министерот за здравство Таравари, за како, што наведуваат, катастрофалната ситуација во која го втурна здравството.

Според државниот завод за статистика во второто тримесечие од годинава се родиле 5.205 бебиња, што е за 7,2 насто помалку живородени деца во земјава во споредба со истиот период лани.

 

Наташа Јанчиќ