Хјустон: Воведен полициски час за да се спречат грабежите

30.08.2017 10:19

Во Хјустон воведен полициски час за да се спречат грабежите. Поради поплавите десетици илјади луѓе ги напуштија домовите. Властите објавија дека имало и 20-тина смртни случаи од невремето што го предизвика Харви. Населението околу браните се евакуира поради опасност од напукнување. Штетите во Тексас се проценуваат на 42 милијарди евра...

Властите на градот Хјустон воведоа ноќен полициски час поради ураганот „Харви“. Од одлуката се изземени волонтерите, спасувачките екипи и оние кои работат во периодот на кој се однесува забраната за движење. Целта е да се спречат кражби во евакуираните области.

„Ги советувам сите граѓани на Хјустон да бидат внимателни постојано. Состојбата не е ставена под контрола, нашите екипи продолжуваат со работа и во наредните денови“, изјави Силвестер Тарнер, градоначалник на Хјустон.

Во бурата со рекордно количество врнежи се потврдени над 20 смртни случаи. Има и повредени и исчезнати. Синоптичарите најавија влошување на временските услови. Браните во Хјустон веќе се преплавени. Властите почнаа контролирано испуштање на водата, и евакуација на населението коешто живее во близина на резервоарите. Светската метеоролошка организација тврди дека Тексас се соочува со кошмар.

Невремето опфаќа огромна површина, би рекла слична со територијата на Шпанија. Најчудно е тоа што ураганот се движи бавно. Како да се движи само по брегот, што не е карактеристично за повеќето тропски бури. Поради тоа, последиците од поројните дождови се уште поголеми“, изјави Клер Нулис, портпарол на СМО.

За време на посетата на Остин, претседателот Доналд Трамп им изрази благодарност на властите за координираната акција.  Од Белата куќа соопштија дека нема да оди во Хјустон за да не ја попречи работата на спасувачките екипи.

„Тексас може да се справи со се. Оваа земја никогаш не се соочила со ваква штета. Кога ќе сумирате се, ќе видите дека се потребни неколку милиони долари за да им помогнете на луѓето. Сакам да ви се заблагодарам на сите за координираната акција“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.

Трамп веќе прогласи вонредна состојба во Тексас и во соседна Луизијана каде што се очекува враќање на ураганот. Жителите на Њу Орлеанс кои ја одбележуваат 12 –годишнината од разорниот ураган Катрина се подготвуваат за нов удар.

Харви е најсилниот ураган во последните 50 години во Тексас.

 

Маја Филдишев