Корејска криза

Пјонгјанг ја потврди пробата, ООН со осуда

30.08.2017 11:31

Лидерот на земјата Ким Јонг- Ун оцени оти е ова прв чекор во подготовките за воена операција и вовед во запирањето на Гуам, остров што тој го опиша како истурена база за инвазија.

Официјален Пјонгјанг го потврди тестирањето на балистичката ракета „Хвасонг-12“ со среден дострел и најави нови лансирања на проектили кон Тихиот Океан. 

Лидерот на земјата Ким Јонг- Ун оцени оти е ова прв чекор во подготовките за воена операција и вовед во запирањето на Гуам, остров што тој го опиша како истурена база за инвазија.

Тој наредил ракетниот тест за првпат да биде изведен од главниот град Пјонгјанг и тоа на 107-годишнината од договорот меѓу Јапонија и Кореја од 1910 година, со кој смета дека Токио го колонизирал Корејскиот Полуостров – пренесе државната новинска агенција.

Лансирањето на ракетата над островот Хокаидо предизвика вознемиреност во Јапонија и во Јужна Кореја. Лидерите на двете земи, Шинѕо Абе и Мун Џае – Ин телефонски се договорија да го зголемат притисокот врз Пјонгјанг за да ја доведат земјата на преговарачка маса.

„Претседателот Мун рече дека лансирањето на балистичката ракета со среден дострел која прелета над Јапоонија не е обична провокација, туку претставува акт на агресија кон соседна земја“ – изјави Парк Су Хиун, портпарол на претседателот на Јужна Кореја.

Советот за безбедност на Обединетите нации остро го осуди новиот ракетен тест и побара Пјонгјанг да ги намали тензиите за да се најде мирно, дипломатско и политичко решение. 

Американската претставничка Ники Хејли порача дека Вашингтон повеќе нема да го трпи беззаконието на Северна Кореја.

„Ја цениме силната поддршка од претседателот Трамп за Јапонија, задоволни сме што тој вели дека секоја опција е на маса, но што ќе направат САД зависи од нив“, изјави Каро Бешо, амбасадор на Јапонија во ООН.

„Последниот чекор на Северна Кореја е нелегален, провокативен, насилен и непромислен“, рече Метју Рикрофт, британски амбасадор во ООН.

 Русија и Кина се спротивставија на едностраните санкции. 

„Ние се држиме до резолуциите на Обединетите нации и инсистираме Северна Кореја целосно да ги почитува. Тоа е нашата позиција во Советот за безбедност“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

„Кина ги повикува сите страни да се воздржуваат од провокации и од ескалација на тензијата. Се надеваме дека засегнатите заеднички ќе работат за мир и стабилност на Полуостровот“, рече Хуа Чунјинг, портпарол на МНР на Кина.

Северна Кореја ја истрела ракетата од регион во близина на Пјонгјанг. Прелета 2.700 километри и достигна височина од 550 километри.

Мартин Пушевски