Владата ги декласифицира договорите за државна помош со странските инвеститори

30.08.2017 12:28

За седум дена Генералниот секретаријат треба да изготви листа на државните институции кои склучувале вакви договори. Декласифицирањето на договорите не задира во работата на странските инвеститори, вели владиниот гласноговорник.

Владата донесе одлука за декласифицирање на договорите со странските инвеститори за доделување државна помош. За седум дена Генералниот секретаријат треба да изготви листа на државните институции кои склучувале вакви договори. Декласифицирањето на договорите не задира во работата на странските инвеститори, вели владиниот гласноговорник.

„Декласифицирањето на договорите е мерка од владиниот план 3-6-9 и со неа воопшто не се задира во работата на странските инвеститори. Остануваат тука и се заштитени. Декласифицирањето е во интерес на граѓаните зашто тие имаат право да знаат на кого и колку од јавните пари му се давани“, изјави портпаролот Миле Бошњаковски.

Владата, како што беше речено, подготвува и анализа за бенефитот од странските инвеститори.

Владата на вчерашната седнива донесе одлука со која се задолжуваат Агенцијата за странски инвестиции и техничко- развојните индустриски зони, како и сите останати министерства и државни органи, кои поседуваат класифицирани информации и договори за државна помош, и тие да ги покренат постапките за достапност на овие информации и договори.

За ефикасно спроведување на одлуката, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да достави листа на класифицирани информации и договори за државни субвенции на странските компании и утврди рок од седум дена за реализација на оваа иницијатива.