Ураганот Харви се врати во Луизијана

30.08.2017 13:16

Жителите на Њу Орлеанс кои ја одбележуваат 12-годишнината од разорната Катрина се подготвуваат за нов удар. Во Хјустон воведен полициски час за да се спречат грабежите. Евакуација на населението поради опасност од попуштање на браните. Штетите во Тексас се проценуваат на 42 милијарди евра.

Луизијана повторно на удар на ураганот Харви. Жителите на Њу Орлеанс кои ја одбележуваат 12– годишнината од разорната Катрина се подготвуваат за тропската бура којашто, според прогнозите, ќе се интензивира во наредните денови.

Во Хјустон е воведен ноќен полициски час за да се спречат кражби во евакуираните области во четвртиот најнаселен град во САД.

„Ги советувам сите граѓани на Хјустон да бидат внимателни постојано. Состојбата не е ставена под контрола, нашите екипи продолжуваат со работа и во наредните денови“, изјави Силвестер Тарнер, градоначалник на Хјустон.

Харви е најсилниот ураган во последните 50 години во Тексас. Засега се потврдени над 20 смртни случаи, а има и повредени и исчезнати. Властите во Хјустон почнаа контролирано испуштање на водата од браните, и евакуација на населението коешто живее во близина до резервоарите. Светската метеоролошка организација тврди дека Тексас се соочува со кошмар.

Невремето опфаќа огромна површина, би рекла слична со територијата на Шпанија. Најчудно е тоа што ураганот се движи бавно. Како да се движи само по брегот, што не е карактеристично за повеќето тропски бури. Поради тоа, последиците од поројните дождови се уште поголеми“, вели Клер Нулис, портпарол на СМО.

За време на посетата на Остин, претседателот Доналд Трамп им изрази благодарност на властите за координираната акција. 

„Тексас може да се справи со се. Оваа земја никогаш не се соочила со ваква штета. Кога ќе сумирате се, ќе видите дека се потребни неколку милиони долари за да им помогнете на луѓето. Сакам да ви се заблагодарам на сите за координираната акција“, рече претседателот Трамп.

Според аналитичарите, сериозни последици ќе претрпи и економијата. Многу рафинерии се затворени, со што е блокирана речиси една петтина од производството на нафта и гас во Мексиканскиот залив. Се очекуваат загуби од десетици милијарди долари.

Маја Филдишев