Членството во НАТО не зависи само од Македонија

30.08.2017 14:36

Сакаме да бидеме 30-та членка на НАТО, но тоа не зависи само од Македонија, изјави шефот на дипломатијата Димитров. Македонија активно придонесува за регионалната стабилност. За земјата ЕУ и НАТО се перспектива, став на американскиот и на германскиот амбасадор, Бејли и Геберих...

Балканот е прва одбранбена линија од тероризмот и миграцијата, но од сите земји потписнички на декларацијата во Вилнус, единствено Македонија не стана членка на НАТО. Во последната анкета на Меѓународниот републикански институт, 71 насто во земјава го поддржуваат членството. Во наредниот период ќе се зголеми учеството во мировните мисии за 20 насто, буџетот за одбраната ќе достигне до 1,8 насто, а од 2020-та Македонија ќе командува 6 години со Југоисточната бригада, воена формација на Алијансата. Но, дали исполнетите предиспозиции можат конечно водат кон полноправно членство во НАТО, во пресрет на утрешната посета на грчкиот шеф на дипломатијата на Македонија.

„Нашето зачленување во НАТО не зависи само од Република Македонија. Согласно формулата од Букурешт од 2008-та година, зависи и од Република Грција, зависи и од тоа колку брзо ќе успееме да ги тргнеме дополнителните критики кои ги добивме на самитот во Варшава, во делот на одговорност, владеење на правото, слобода на медиумите. Клучното прашање не е кога, дали побрзо или на среден рок, туку клучното прашање е- сакаме ли ние како опшество и како нација да си ја зацврстиме иднината, да поминеме една линија од која нема да има враќање назад“, изјави шефот на дипломатијата, Никола Димитров.

Важно е Грција да го препознае новиот момент во земјава и да го поддржи, но неблагодарни се предвидувањата, вели Димитров. Македонија посакува да биде регистрирана како 30 членка на Алијансата. Но, за тоа ќе треба да ги заокружи зацртаните реформи, да ја модернизира Армијата и да работи на односите со соседите, зад што стои и американската политика.

„Македонија веќе придонесува кон регионалната и глобална безбедност. Знаеме дека вашиот пат кон НАТО е понекогаш фрустрирачки, но вие издржавте. Има поддршка од јавноста и од сите етнички заедници за ваше членство во НАТО, и се надеваме дека ваквиот обединувачки став и понатаму ќе продолжи“, изјави американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.

Краткотрајното дипломатско недоразбирање со Србија покажа- во регионот не е расчистено со национализмот и етничките поделби. Економската стабилизација лежи во евроатлантската перспектива на земјата, оценка на новоназначениот германски амбасадор.

„Би сакал да ја потврдам нашата поддршка кон вашата цел за зачленување во НАТО. Вашето зачленување во НАТО и во ЕУ се најдобрите чекори за стабилизирање на Македонија и на регионот“, изјави Норберт Герберих, амбасадор на Германија во Македонија.

Сепак, членството во НАТО е политичка одлука која ја носи Северноатлантскиот совет, неформалната влада на Алијансата. Ова го потврдија и од НАТО колеџот во Рим, еден од организаторите на конференцијата. На 27-ми септември, шефот на дипломатијата димитров во Брисел, пред амбасадорите на НАТО, ќе го образложи 17-иот, по ред, годишен план за членство во политичко- безбедносната институција.

 

Зоран Богатинов