Работници со ниски приходи на бесплатен одмор

30.08.2017 14:55

Станува збор за една од владините мерки за поддршка на домашниот туризам за семејства со ниски приходи, за која се веќе обезбедени средства со ребалансот на буџетот за 2017-та година.

До 15-ти септември семејствата со вкупни приходи до 22 илјади денари ќе можат да аплицираат за бесплатен субвенциониран петдневен престој во некое од македонските одморалишта. Станува збор за една од владините мерки за поддршка на домашниот туризам за семејства со ниски приходи, за која се веќе обезбедени средства со ребалансот на буџетот за 2017-та година.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција соопшти дека следните денови ќе бидат објавени два јавни повика и тоа еден на кој ќе може да се пријават заинтересираните туристички објекти и еден на кој ќе се пријавуваат работниците со ниски примања.

По предлог на Министерството за економија, само една недела по враќањето на дневната евтина тарифа на електрична енергија, Владата донесе мерка со која им нудиме на работниците со примања до 22 илјади денари да искористат годишен одмор вон сезона во туристичките центри на Република Македонија, во вкупна вредност од 15 илјади денари, појасни министерот Бектеши.

Потврдите ќе ги издава Министерството за економија по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев ги повика менаџерите на хотелите и мотелите да се пријават на јавниот повик што ќе биде објавен во дневните весници и на веб страницата на Министерството за економија.