КСС: Зголемување на платите во јавниот сектор за 19%
Конфедерацијата на слободни синдикати бара итна седница на Економско социјалниот совет на која ќе биде разгледано нивното барање за зголемување на платите во јавниот сектор за 19% заради задржување на распонот на платите на сите категории јавни службеници. КСС го поздравува зголемувањето на минималната плата и бара на вистински начин да профункционира социјалниот дијалог на репрезентативните партнери во Економско социјалниот совет...

Социјалниот дијалог не функционира во земјава, а законот за работни односи се менува без согласност на репрезентативните социјални партнери, обвини Конфедерацијата на слободни синдикати. КСС го поддржува зголемувањето на минималната плата, иако процедурата е целосно прекршена, како и законите за работни односи и за минимална плата, смета Конфедерацијата. Ресорното министерство доставило мислење од Економско - социјалниот совет за покачување на минималната плата без ставот на Конфедерацијата на слободни синдикати, вели нејзиниот претседател Благоја Ралповски. Практично основниот коефициент за пресметка на плата во одредени сектори во јавната администрација ќе биде под износот на минималната плата со што се суспендираат постојните колективни договори, смета Ралповски. Затоа Конфедерацијата бара корекција на платите во јавниот сектор.
„И затоа денеска бараме покачување на платите за соодветен процент од 19 насто. Заради задржување на распонот на сите категории на државните службеници и нивните плати. Имено бараме итно свикување на Економско социјалниот совет во легитимен состав на кој што ќе го предложиме нашиот став и се надеваме дека ќе биде изгласан согласно сите закони, законот за работни односи, законот за минимална плата и соглассно Уставот на Р. Македонија“, изјави Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати.
Ралповски вели дека Конфедерациајта има над 70 илјади членови, а во неа се и половина од вработените во јавниот сектор. Доколку Владата не го прифати барањето на КСС се најавува радикализација во дејствувањето на синдикатите, вели Ралповски.
МТВ побара став на министерството за труд и социјална политика за тврдењата на Конфедерацијата на слободни синдикати за наводното нефункционирање на социјалниот дијалог и за прекршувањето на законите од оваа област.
„Изнесени се невистини за наводно прекршување на процедурата за донесување на Законот за минимална плата. Министерката Мила Царовска, која е и претседателка на ЕСС, на 18-ти јули закажа седница на ова тело за разгледување на предлог- измените на Законот за минимална плата, на која уредно беше поканета и Конфедерацијата на слободни синдикати, како еден од двата репрезентативни синдиката, но не присуствуваа со што продолжија со попречување на функционирањето на Советот“- се вели во реакцијата на Министерството за труд и социјална политика.
Свето Николовски
