Дамјановски 81, Колоња пак златен
Во Торино 84-ти, во Ванкувер 85-ти, во Сочи 81.

Ниту со А-норма, нашиот Дарко Дамјановски не оствари значително подобар резултат во олимписките крос-кантри трки на 15 километри. Тој имаше подобро време од само шестмина натпреварувачи од егзотични земји без никаква зимска спортска традиција, како Ирска, Аргентина, Бермуда, Индија, Непал и Перу. По 78-то место во спринтот, македонскиот знаменосец на свеченото отворање денеска заврши на 81-та позиција, со заостанување од десет минути, пет секунди и две десетинки зад шампионот Дарио Колоња.
Швајцарецот го повтори успехот во оваа дисциплина од Ванкувер, а ова му е вкупно трето олимписко злато, бидејќи пред пет дена победи и во скиатлонот во Сочи. Колоња го засили темпото на средина од трката, на осмиот километар, но конкурентите не можеа да го следат.
Пиедесталот на најуспешните покрај него го пополнија Швеѓаните Јохан Олсон и Даниел Рикардсон. Олсон задоцни 28,5 секунди зад Колоња, а особено драматичен беше начинот на којшто Рикардсон ја освои бронзата. Неговото заостанување од 38 секунди и две десетинки беше за само две десетинки подобар резултат од оној на Финецот Иво Нисканен.
