20 години од смртта на принцезата Дајана

31.08.2017 13:18

20 години од смртта на Лејди Ди. Остана миленичка на британскиот народ поради нејзиниот дух да помогне на секому во најтешкото. Сѐ уште нема крајни резултати од истрагата за нејзината бизарна смрт.

Денеска се навршуваат точно 20 години од трагичната смрт на една од најсаканите принцези на светот, Дајана. Трагичната сообраќајна несреќа е приказна која светот никогаш нема да ја заборави. Принцезата Дијана загина ноќта меѓу 30 и 31 август 1997 година во уличен тунел во Париз. Покрај неа загинаа и нејзиниот животен сопатник Доди Ал-Фајед како и возачот Хенри Пол. Погребот кој траел повеќе од пет часа беше одржан на 6-ти септември. Три милиони луѓе излегоа на улиците на Лондон, а преносот го следеле речеси три милијарди лица.

Многубројни почитувачи и обожаватели на саканата принцеза изутрината почнаа да оставаат цвеќе, фотографии и лични пораки пред капијата на Кенсингтонската палата. Принцовите Вилијам и Хари вчера ја посетија Белата Градина, меморијалниот центар посветен на нивната мајка. Ним во прошетката по Белата Градина им се приклучила Војвотката од Кембриџ, како и претставници на хуманитарните организации со кои таа соработувала и ги поддржувала.

Претставник на Бакингемската палата соопшти дека останатите членови на британското кралско семејство вклучувајќи ја и Кралицата Елизабета Втора не планираат да учествуваат во каков било јавен комеморативен настан за одбележување на годишнината од смртта на принцезата.

Скромноста била најубавата особина на принцезата Дајана која ја красела целиот живот, а тоа најмногу можело да се забележи по гардеробата што ја носела. Децата ги сакала најмногу од сѐ и била многу поврзана со нив додека растеле. Дајана стана британска принцеза со склучувањето брак со Принцот Чарлс во 1981 година. Тие се разделија во 1992 година, а четири години подоцна следуваше и официјалниот развод.

Се шпекулира дека по повод 20 годишнината од смртта на принцезата Дајана, гробот ќе се премести во Лондон.

 

Марина Автовска