Обвинителен акт против гинекологот кој презентирал лажна бременост на пациентка

31.08.2017 13:58

Обвинетиот се товари дека сторил кривично дело- тешки дела против здравјето на луѓето...

Скопското Јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против гинекологот, кој во периодот од месец септември 2015 до април 2016 година, презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка.

Основното јавно обвинителство- Скопје поднесе Обвинителен акт против Н.Д., по професија доктор специјалист по гинекологија и акушерство, кој во периодот од месец септември 2015 до април 2016 година презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството. Обвинетиот се товари дека сторил кривично дело- тешки дела против здравјето на луѓето.

Лекарот, како што стои во соопштението, иако знаел дека оштетената не е бремена, врз неа вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање.

Непосредно пред денот за кога било договорено наводното пораѓање на пациентката осомничениот најпрвин на сопругот на оштетената, а потоа и на оштетената ја открил вистината за лажната бременост.