Постапено по сите медицински протоколи кај тројката починати новороденчиња
Врз основа на разгледаната медицинска документација и разговорите со здравствените работници, Комисијата констатира дека е постапено во согласност со предвидените медицински протоколи...

Комисијата за стручен надзор, во врска со трите починати новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство, констатирала дека е постапено во согласност со предвидените медицински протоколи и дека станува збор за високоризична, повеќеплодна бременост.
Како што соопшти Министерството за здравство, Комисијата констатира дека се работи за високоризична, повеќеплодна бременост, проследена со инсулинозависен гестациски дијабет, хипертензија и инфект кај мајката, што доведе до предвремено раѓање на новороденчиња со ниска гестациска возраст (помала од 28 гестациска недела) и мала родилна тежина (под 1000 грама). Сите овие ризик фактори го отежнуваат преживувањето на новородените деца и ја зголемуваат стапката на морбидитет и морталитет кај истите.
Врз основа на разгледаната медицинска документација и разговорите со здравствените работници, Комисијата констатира дека е постапено во согласност со предвидените медицински протоколи за следење високоризична бременост, соодветен третман пред породувањето, правилна индикација за оперативно завршување на предвремено започнато породување, запазени анестезиолошки процедури, успешно спроведена примарна стабилизација на новородените во операциона сала, како и соодветно спроведена постнатална интензивна нега и терапија.
