Полицијата трага по Грујовски и Бошковски
МВР трага по обвинетите во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ кои се во бегство. Спасовски не даде детали за двојниот идентитет, не знае за двојно државјанство...
Полицијата се обидува да им влезe во трагa на поранешниот началник на Петтата управа, Грујовски и на вработениот во УБК, Бошковски кои се обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“. Министерот Спасовски вели дека нема сознанија дали обвинетите од Специјалното јавно обвинителство имаат двојно државјанство. Вели дека во интерес на истрагата не соопштуваат детали. По двајцата е распишана и меѓународна потерница.
За дипломатскиот случај со Србија, Спасовски тврди дека Управата за безбедност и контраразузнавање не презела никакви активности коишто се против која било држава или која било амбасада во Република Македонија. За Собраниските настани продолжува истрагата. Очекува и јавното обвинителство да биде решително во однос на постапките против оние кои извршиле упад во парламентот. Во СВР Скопје бил брифиран дека безбедносната состојба во главниот град е стабилна со тенденција на опаѓање на криминалитетот.
Ќе работат на превенции во областа на сообраќајната безбедност и нарушувањето на јавниот ред и мир. Нема нови промени во раководните позиции во МВР во предизборниот период.
Наташа Гркова- Петрушевска
