Штерјев го менува Аневски во Советот на јавни обвинители
Коле Штерјев едногласно избран за нов претседател на Советот на јавни обвинители. Наследникот на Петар Аневски вели дека ќе се труди да ја подобри сликата во јавноста за оваа институција...

Коле Штерјев е новиот претседател на Советот на јавните обвинители. Без противкандидат, е избран едногласно. Како член на Советот пред една година дошол од редот на Вишото скопско обвинителство. Новата функцијата ќе ја врши со мандат од две години и како што рече, ќе се труди да ја подобри сликата што јавноста ја има за оваа институција.
Советот на јавните обвинители во моментот работи со два членови помалку – без Зоран Сулиманов кој замина во пензија и без Сашо Василевски кој беше избран за нов директор на МЕПСО. Испразнетите места со нови членови треба да ги пополни Собранието.
Претходно, на седницата на Советот, беше усвоена оставката на досегашниот претседател Петар Аневски.
Петар Аневски кој до неодамна ја извршуваше функцијата Претседател на Советот на јавните обвинители на претходната седница си поднесе оставка, поради, како што наведе лични и семејни причини. На истата седница Советот ја назначи и Лилјана Спасовска за вршител на должноста – Републички јавен обвинител.
Пратениците на седница во понеделник ќе дискутираат за точката од дневен ред - предлог за огласување именување на јавен обвинител откако Марко Зврлевски беше разрешен од функцијата. Откако огласот ќе излезе во Службен весник течат роковите за пријавување на кандидатите за највисоката обвинителска функција.
Анита Димитријевска
