Македонија бара Грција да го препознае моментот
Разговори за процесот, интересите и грижите на двете страни во спорот за името. Димитров бара Атина да ја препознае нашата желба за пријателство и сојузништво, Коѕиас гледа резултати од мерките за доверба. Грчкиот шеф на диломатијата на средби со државниот врв и партиите...

„Кога тргнав накај Скопје беше топло. И овде ме дочека убаво време. Тоа значи дека не грее исто сонце“- грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас рече дека неговата земја целосно го поддржува северниот сосед на евроинтегративниот пат. Димитров, кус во изјавата, рече дека има намера да продолжи да прави пријатели од околните држави. Двајцата изразија оптимизам и рекоа дека има волја за добрососедство.
Ја отвориле темата за името. Зборувале за начинот на кој ќе се води процесот, а ги анализирале и причините кои ги загрижуваат двата народа. На прашањето дали Грција е подготвена да отстапи од црвените линии, Коѕиас само рече дека секој кој сака да влезе во Европската унија, мора да ги почитува правилата.
„Државата кај што се наоѓам денеска има и европско лидерство, и европска Влада и европска перспектива, но елемент на европската перспектива е да се почитуваат одлуките и правилата“, рече Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Грција.
Историјата треба да биде учителка, но не смее да не зароби. Димитров потенцираше - нема да ја продолжиме политиката на провокација. Рече дека не му требаат 200 споменици за да се чувствува горд Македонец, ниту пак му пречело ако некој во Солун се чувствува како горд Македонец. Сепак, не сакаше да каже дали ќе има преименување на улици и објекти кои носат имиња на историски личности за кои Грција негодува.
„Мислам дека не е многу мудро да креираме надворешна па и внатрешна политика врз историски личности од пред 2000 години. Ние сме нација што научи извесни лекции од минатото во последните неколку години. Историјата не можеме да ја менуваме. Тоа што можеме да го направиме е да ја менуваме сегашноста и да си ја отвориме иднината“, изјави шефот на македонската дипломати, Никола Димитров.
На состанокот, министрите потпишале договор за соработка на универзитети и констатирале дека треба да ја унапредат економската соработка. Се договориле да ги зачестат и официјалните и работните средби.
Катерина Топалова
