Комисијата утврди- постапено по сите протоколи кај починатите новороденчиња

31.08.2017 15:06

Оставката на Таравари нема да ги врати загубените животи, но ќе биде некаква утеха за трагедиите, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Донесени се заклучоците по обдукцијата на новороденчињата. Станувало збор за високо ризична бременост поради болестите кај мајката, малата тежина кај новороденчињата и несоодветниот број недели за да се спасат трите животи.

Постапено е по сите медицински протоколи кај трите починати новороденчиња на клиниката за Гинекологија. Бременоста била високоризична, стои во соопштението на Комисијата за стручен надзор.

Врз основа на разгледаната медицинска документација и разговорите со здравствените работници, Комисијата констатирала дека е постапено во согласност со протоколите за следење високоризична бременост, даден е соодветен третман пред породувањето, имало правилна индикација за оперативно завршување на предвремено почнато породување, запазени се анестезиолошките процедури и успешно e спроведена примарна стабилизација на новородените во операциoната сала, како и соодветно е спроведена постнатална интензивна нега и терапија – информираше Комисијата.

Од ВМРО- ДПМНЕ бараат одговорност од министерот за здравство.

„Смртните случаи по болниците се редат. Трагичниот биланс се зголемува. После секој случај на починато новороденче или дете, Таравари најавува формирање на комисија. Ефектот од комисиите е еднаков на нула. Дали некој памети кој е исходот од резултатот на работењето на комисијата која што го испитуваше случајот со трите починати новороденчиња. Не памти и не може да памти. Од едноставна причина што таа комисија е формирана за да се подзаборави случајот за на крај да се констатира дека немало лекарска грешка и дека здравствениот систем под водство на Таравари функционира перфектно“, изјави Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, сметаат дека хаосот во здравството е наследен од ВМРО-ДПМНЕ. „Додека поединци од ВМРО-ДПМНЕ се богатеа од криминални тендери, болниците и клиниките се распаѓаа и тонеа во долгови, редовно недостигаа лекови и опрема, правата на пациентите се погазуваа, а илјадници лекари неможејќи да работат во нехумани услови, трајно ги напуштија јавното здравство и државата“ – велат од СДСМ и додаваат дека Владата сега ги решава напластените проблеми.

 

Наташа Јанчиќ