Десетмина повредени во експлозиите во фабриката во близина на Хјустон
Повредени во експлозијата во фабриката за хемикалии во близина на Хјустон. Досега во Тексас се регистрирани 33 смртни случаи. Крајот на голготата на четвртиот најнаселен во САД не е на повидок. Помош пристигнува и од Мексико.

Десетмина се повредени во двете експлозии во фабриката за хемикалии Аркема, Крозби. Властите во Тексас предупредија дека е можно да се случи проблем откако ураганот Харви предизвика прекин во снабдувањето со електрична енергија при што одредени хемикалии беа критични, зашто системите за ладење не работеа. Противпожарните екипи евакуираа дел од населението кое живее во радиус од 2,4 км од фабриката. Досега во невремето и во поплавите во Тексас загинаа триесетина лица.
„Во еден момент мислев дека го загубивме, струјата го влечеше. Со бродот стигнавме најбрзо што можевме.“
„Ова не ми е прво искуство со ураган. И претходно сум изгубил се. Сега пак. Продолжуваме натаму.“
Илјадници граѓани се сместени во Конгресниот центар на Црвениот крст во Хјустон.
„Имаме двокатна куќа, водата поплави половина. Ја баравме полицијата, баравме помош, никој не ни помогна. Бевме исплашени. Јас не знам да пливам. Скокнав, дојдоа луѓе кои не ставија со чамци. Бевме безбедни.“
„Имаше илјада предупредувања за торнадо, дрвјата се мрдаа. Тогаш бев најисплашен.“
„Поплавена беше цела населба. Моравме да чекаме да се повлече водата. Чекавме и бурата да престане“, велат жители на Хјустон.
Помош праќа и соседно Мексико кое учествуваше и во спасувачките операции во ураганот Катрина во 2005 година кој го опустоши Њу Орлеанс.
„Имаме 33 луѓе во тимот, сите се билингвални и со соодветна документација за влез во земјата. специјализирани сме во различни области, логистика, проценка на штета, хуманитарни услуги и помош во засолништа“, изјави Марко Франко, Црвен Крст на Мексико.
Временските прогнози се песимистички. До крајот на неделава се очекува зголемување на врнежите од Луизијана до Кентаки, а предупредувањето за поплави останува активирано за југоистокот на Тексас и југозападот на Луизијана. Тропски бури се формираат и над источниот дел на Атлантскиот Океан и делови од Пацификот.
Црни се и економските прогнози. Поради ураганот е затворена тексашката рафинерија Порт Артур, најголемата во земјата. Прекината е една петтина од капацитетот на рафинериите во САД, а цената на бензините скокна на двегодишен максимум на берзата во Њујорк.
Маја Филдишев
