Oпозицијата и парламентарното мнозинство покажаа меѓусебна конструктивност
По годишните одмори, прва пленарна собраниска седница. При усвојувањето на дневниот ред, опозицијата и парламентарното мнозинство покажаа меѓусебна конструктивност. По итна постапка ќе се разгледуваат предлог законите од СДСМ за минималната плата, за стечајците и за укинување на радиодифузната такса. На дневен ред по скратена постапка се и предлозите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите на вработените во јавната и државната администрација за 5 насто, за доделување ваучери за студенти и за извршување...

Дневниот ред на седницата дополнет со неколку предлози по скратена постапка. Неговото усвојување тест за конструктивноста меѓу власта и опозицијата. По итна постапка ќе се разгледуваат предлог- законите од СДСМ и коалициските партнери за минималната плата, за стечајците и за укинување на радиодифузната такса.
ВМРО-ДПМНЕ гласаше против тие да бидат на дневен ред. Опозициската партија, пак, поднесе три предлози по скратена постапка, измена на законот за извршителите, донесување закон за зголемување на платата на јавната и државната администрација за 5 проценти и доделување ваучери за студенти во висина од 18 илјади денари.
Одговорност на опозицијата е да биде конструктивна, а доколку СДСМ се конструктивни и ги прифатат законите што се во интерес на граѓаните, тогаш и ние ќе дадеме поддршка на законите што тие ги предложија, рече Илија Димовски.
Парламентарното мнозинство гласаше предлозите на ВМРО-ДПМНЕ да бидат ставени на дневен ред, да можат да ги разгледаат и да решат како ќе гласаат, појасни координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е против предлогот на спикерот Џафери, Собранието да има пет потпретседатели, наместо тројца како во претходниот состав. Сметаат дека на тој начин непотребно се трошат буџетски пари. Џафери појасни дека нема законска пречка за тоа.
На седницата е и предлогот за огласување за избор на нов државен јавен обвинител кој трае 15 дена од денот на објавувањето во Службен весник.
ВМРО-ДПМНЕ побара точката да се симне од дневен ред, со образложение дека како и во расправата за смена на Зврлевски, така и сега, се крши Изборниот законик. Парламентарното мнозинство не прифати.
Милчо Велески
