ВМРО-ДПМНЕ побара, СДСМ не прифати од дневен ред да се симне огласот за нов Јавен обвинител
Предлог-закони по скратена постапка и од мнозинството и од опозцијата на продолжението на работата на Собранието по летниот одмор. Условувања за меѓусебна поддршка. ВМРО-ДПМНЕ побара, СДСМ не прифати од дневен ред да се симне огласот за нов Јавен обвинител...

Со постапката за избор на нов Јавен обвинител, парламентарното мнозинство продолжува да го крши Изборниот законик, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ. Дека во предизборен период не може да се врши разрешување или именување на функционери потврди и Антикорупциската комисија, рече Илија Димовски. Очигледно е дека врз база на политичката еуфорија беше разрешен обвинителот Зврлевски, смета Димовски.
Собранието не смее да биде над законите. Пратениците од мнозинството со повикување на имунитетот не може да ја покријат, како што рече, политичката ароганција. Дека е прекршен законот покажува и документот дека тој повеќе не е вработен во државното јавно обвинителство и има барање за апанажа.
Вие го менувате мислењето во зависност од тоа дали сте на власт или во опозиција. Не е прекршен изборниот законик, а тврдењето за апанажа на Зврлевски е по негово барање, возврати координаторот на пратеничката група на СДСМ, Тунтев. Рече дека локалните избори што се одржаа во март 2013-та беа распишани на 11-ти јануари, а на 21-ви јануари, Собранието го именува Зврлевски за државен јавен обвинител.
Законската пречка за избор или разрешување функционери во предизборие е од 2015-та година, му реплицираше Димовски.
Огласот за избор на нов државен јавен обвинител трае 15 дена од денот на објавувањето во Службен весник. ВМРО-ДПМНЕ во почетокот на седницата, побара точката да се симне од дневен ред и постапката да се стави во мирување. Парламентарното мнозинство не го прифати предлогот.
Милчо Велески
