Вести од светот

14.02.2014 17:42

Голема вулканска ерупција во Индонезија исфрли облаци пепел и лава 18 километри во воздухот, при што загинаа две лица. Евакуирани се над 100 000 лица на истокот на Јава, во радиус од 10 километри од вулканот Келуд и се затворени 6 аеродроми.

„Иако мора да заминам оттука, се чувствувам мирно бидејќи има возило што ќе ме однесе до бараките. Порано немавме каде да одиме, па самиот морав да се снаоѓам. Сега сум мирен“. Тврди еден граѓанин.

Експлозијата од ерупцијата се слушнала на далечина од 200 километри и според локалните жители, звучела како да експлодираат илјадници бомби истовремено.

УКРАИНА

Украинската опоцизија соопшти дека се ослободени сите демонстранти коишто биле затворени за време на тромесечните протести врз основа на законот за амнестија којшто беше усвоен минатиот месец од страна на Парламентот во обид да се стави крај на кризата со која се соочува претседателот Јанукович. Во меѓувреме, граѓаните цврсто остануваат на своите ставови.

„Украина никогаш нема да биде иста каква што беше пред да почне сето ова. Тешко е да се предвиди што ќе се случи, но овие луѓе ќе останат овде се додека Јанукович не поднесе оставка“, вели еден граѓанин.

ИТАЛИЈА

Италијанскиот премиер Енрико Лета му ја поднесе својата неотповиклива оставка на претседателот Џорџо Наполитано, којшто треба да го именува неговиот наследник. Владејачката Демократска партија претходно го поддржа повикот на новиот лидер на партијата, Матео Ренци за итно формирање нова влада. Се претпоставува дека тој ќе го заземе местото на Лета. Граѓаните на Фиренца се загрижени поради политичките амбиции на Ренци.

„Иако сум негов поддржувач, мислам дека ова не е во ред. Претседателот треба да се избере со гласање“, изјави жител на Фиренца.

За предлогот Ренцида биде новиот премиер на земјата, на денешниот состанок гласаа 136 членови на раководството на Демократската партија, од коишто само 16 се изјасниле против.

Марина Автовска