Хејли: Ким Јонг Ун „моли за војна“
Сеул и Вашингтон ги засилуваат воените капацитети поради опасност од ексалација на Корејската криза. Обединетите нации најавија нова казна за Пјонгјанг, а севернокорејскиот лидер- нови ракетни тестирања. Москва апелира- воената хистерија не е решение за проблемот на полуостровот...

„Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун „моли за војна“ што се докажува со последниот и најмоќниот нуклеарен тест“, вели американскиот преставник во Обединетите Нации, Ники Хејли. На вонредниот состанок во Њујорк таа потенцира дека Соединетите Американски Држави не сакаат војна, но нивното трпение има граници.
„Северна Кореја им удри шлаканица на сите во меѓународната заедница која побара од неа да запре со активностите. Соединетите Американски Држави ќе изготват резолуција за која ќе преговараме неделава и ќе гласаме в понеделник“, изјави Ники Хејли, амбасадор на САД во ООН.
Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека се непотребни нови санкции за Пјонгјанг зашто решението е во дипломатијата, а не во, како што вели, „воената хистерија“. Претставникот на руската федерација во Организацијата апелираше до сите страни да ги смират страстите.
„Неопходно е да се врати дијалогот бидејќи е единствениот начин целосно да се реши проблемот на Корејскиот полуостров. Меѓународната заедница не треба да се води од емоциите. Мора да дејствува смирено и урамнотежено“, изјави Василиј Небенција, постојан претставник на Русија во ООН.
И Кина, главниот сојузник од север, бара враќање на преговорите, а Швајцарија се понуди да посредува.
По шестиот нуклеарен тест на Пјонгјанг, Сеул и Вашингтон се договорија да го тргнат ограничувањето на тежината на боевите глави на проектилите, која според постојниот договор, може да изнесува максимум 500 килограми. Со ова, Јужна Кореја може да изврши посилен напад врз северниот сосед во случај на воен конфликт. Лансирањето и натаму e дозволено на домет од 800 километри. Сеул привремено ќе распореди и американски систем за ракетна одбрана ТХАД. Се разговара и за активирање на носачи на авиони и стратешки бомбардери на Полуостровот.
„Очекуваме промената да ни даде подобри решенија за заканите од Пјонгјанг. Нашата влада ќе продолжи да соработува со Соединетите Американски Држави. Остануваме на ставот дека треба да се денуклеаризира Корејскиот полуостров“, изјави Мун Санг- Гјун, портпарол на Министерството за одбрана.
Покрај засилувањето на воените капацитети, Сеул бара и блокада на странските приходи и на дотокот на нафта. Северна Кореја е под санкции од 2006 година поради нуклеарните програми.
Во меѓувреме, некои медиуми известија дека се транспортира интерконтинентална балистичка ракета кон западното крајбрежје, која би била тестирана на 9 септември, Денот на прогласувањето на Северна Кореја.
Маја Филдишев
