Се очекуваат катастрофални последици од ураганот „Ирма“

06.09.2017 11:02

Карипските острови се во финалните подготвки за ураганот „Ирма“, најмоќниот над Атлантикот во последните десет години. Властите издадоа предупредување дека се очекуваат катастрофални последици. Вонредна состојба е прогласена во неколку земји.

Властите на Бахамските острови ја почнаа најголемата евакуација во историјата на земјата поради ураганот „Ирма“. На неколку острови е издадено предупредување за високи бранови и опасност од поплави. Се очекува „Ирма“ да премине преку Американските и Британските Девствени Острови, Порторико, Доминиканската Република, Хаити и Куба, пред да стигне до Флорида во текот на викендот. Американскиот претседател Доналд Трамп веќе прогласи вонредна состојба на Флорида, Порторико и Девствените Острови.

„Ураганот Ирма е опасен и и припаѓа на смротносната категорија на бури со силни ветрови. Замислете што ќе се случи ако се движи со 295 км на час. Се прогнозира дека невремето ќе зафати голема територија“, изјави Рик Скот, гувернер на Флорида.

„Се доселив пред седум години. Ми кажуваа дека имаат урагани. Пред пет и пол години преживеав еден. Сега сум поисплашена зашто ќе биде силен. Лошо е и што потрошив многу пари за да купам се што би ми било потребно, наполнив бензин, купив вода, храна. Но што да се прави, мораме да се подготвиме“, вели Сузан Берени, жител на Мајами.

Мобилизирана е и Националната гарда. Американскиот Национален центар за урагани ја прогласи „Ирма“ за најсилниот во Атланскиот Океан.

 

Маја Филдишев