Иванов се обрати на 12-от Економски форум на млади лидери во Полска

06.09.2017 12:35

Економскиот форум претставува најголема и најреномирана конференција во Централна и Источна Европа со фокус на економијата и политиката во овој дел на континентот...

Лидер е оној што нуди идеја или решение, а за тоа има следбеници. Ако промовирате идеја која не обезбедила поддршка, таа не може да биде неуспешна, порача претседателот Иванов во обраќањето на Економскиот форум за млади лидери во Нови Сач, Полска.

„Вие не сте генерација на иднината, туку сте генерација на сегашноста. Не барајте изговор дека вашето време допрва доаѓа, вашето време е сега. Сето ваше знаење и искуство треба да биде применето, бидејќи вашата генерација со преминот од еден во друг милениум, создаде поединци кои се многу поиновативни и покреативни од сите претходни генерации. Да сум на ваше место ќе бидам многу повеќе љубопитен и поактвиен со сите луѓе од светот, затоа што 20-от век создаде физички граници кои станаа ментални бариери. Мора да размислуваме со отворен ум“- нагласи во својот говор претседателот Иванов.

Иванов се осврна и на глобалната криза, и последиците кои дојдоа со неа. Шефот на државата предупреди на комплексната состојба со терористичките напади, но и бегалската криза.

На Економскиот форум за млади лидери учествуваат повеќе од 3.000 делегати од над 60 држави од Европа и од светот.