Иванов: Лидер е оној што предводи, што создава тимови и нуди решенија

06.09.2017 15:03

„Треба да бидеме подготвени за многу комплексна состојба со многубројните терористички напади, но и бегалските бранови, што е резултат на забрзаните демографски промени“, рече претседателот Иванов на Форумот на млади лидери во Полска. Вели, знаењата и вештините се влогот во идните генерации...

Лидер е оној што предводи, што создава тимови и нуди решенија. Во зависност од тоа колку ве следат, толку е вашата лидерска моќ. Има многу луѓе со многу идеи, но немале следбеници. Тие што создаваат проекти и визии и кои ги следат, тоа се лидери, им порача македонскиот претседател Иванов на учесниците на Економскиот форум на млади лидери во Нови Сач, Полска. Глобализацијата доведе до тоа да се создаде генерација која е онлајн со виртуелниот свет, но офлајн со реалноста, рече Иванов упатувајќи порака за канализирање на уникатниот потенцијал на младите за достигнување на трајните вредности.

„Вие не сте генерација на иднината, туку сте генерација на сегашноста. Не барајте изговор дека вашето време допрва доаѓа, вашето време е сега. Сето ваше знаење и искуство треба да биде применето, бидејќи вашата генерација со преминот од еден во друг милениум, создаде поединци кои се многу поиновативни и покреативни од сите претходни генерации“, рече во својот говор претседателот Иванов.

Иванов предупреди дека треба да бидеме подготвени за многу комплексна состојба со многубројните терористички напади, но и бегалските бранови, што е резултат на забрзаните демографски промени. Низ Македонија како дел од балканската рута, минаа повеќе од еден милион бегалци, истакна Иванов. Македонскиот претседател ја посочи Школата за млади лидери, како негова лична иницијатива и инвестиција во образованието на младите. Пред неколку дена заврши осмата генерација на школата, низ која досега поминаа и се стекнаа со лидерски вештини и знаења околу 320 млади луѓе од Македонија. Тоа е мојот влог во иднината, додаде Иванов.

„Да сум на ваше место ќе бидам многу повеќе љубопитен и многу поактвиен со сите луѓе од светот, затоа што 20-от век создаде физички граници кои станаа ментални бариери. И сега имаме отпор кон луѓето од Африка, од Азија. Мора да размислуваме со отворен ум, бидејќи отворениот ум произлегува од отворениот простор“, нагласи претседателот Иванов.

На Економскиот форум за млади лидери учествуваат повеќе од 3000 делегати од над 60 држави од Европа и од светот.

 

 

Милчо Велески