Заев: Без злоупотреби на државата во изборни цели
Ќе нема притисоци и злоупотреби од државата за изборни цели порача премиерот Зоран Заев на конференцијата „Одвојувањето на државата од политичките партии“. Истакна дека одржувањето фер и демократски избори е врвен приоритет на владата. Најави формирање координативно тело што ќе го контролира процесот на доследно почитување на изборниот законик.

Ќе нема притисоци и злоупотреби од државата за изборни цели порача премиерот Зоран Заев на конференцијата „Одвојувањето на државата од политичките партии“. Истакна дека одржувањето фер и демократски избори е врвен приоритет на Владата.
„Одржување фер и демократски избори е врвен приоритет на Владата, и верувам дека треба да биде врвен прироитет на нашата држава“, изјави Заев. Додаде дека се предвидени повеќе мерки на краток, среден и долг рок за отстранување на недостатоците во реализацијата и спроведувањето на изборите според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, Венецијанската комисија, во соработка со граѓанското општество, ЕУ и останатите меѓународни организации.
Според Заев, за одвојување на државата од политичките партии и за одржување фер, слободни и демократски услови, Владата досега ги презела сите мерки што можела да ги преземе и се во нејзина надлежност.
Покрај досега усвоените инструкции, упатства и одлуки, кои меѓу останатото се однесуваат на забрана за користење државни ресурси од учесниците и кандидатите за време на изборниот процес, Заев најави дека ќе биде формирано координативно тело кое што ќе го контролира процесот на доследно почитување на забраните што произлегуваат од Изборниот законик во периодот од денот на распишување на изборите до нивно завршување.
Премиерот Заев најави формирање координативно тело што ќе го контролира процесот на доследно почитување на Изборниот законик.
