Брисел

ЕП: Да се почитува одлуката на Европскиот суд

06.09.2017 16:11

Европскиот суд реши дека Словачка и Унгарија мора да примаат мирганти. Предвидено е преселување на 160 илјади азиланти, од кои досега се преместени само 25 илјади. Унгарија ја оцени ваквата одлука на судот како „запрепастувачка и неодговорно“, а Словачка изјави дека ја прифаќа пресудата на судот, но дека не ја менува негативната позиција за бегалските квоти.

Судот на ЕУ ја отфрли жалбата на Словачка и Унгарија против европската миграциска политика, потврдувајќи го правото на Брисел да бара од земјите- членки да примаат азиланти. Програмата беше усвоена со мнозинство гласови од земјите- членки, и покрај спротивставувањето на поранешните комунистички земји, кои инсистираат на тоа дека во нивните општества не можат да интегрираат муслимански мигранти. Предвидено е преселување на 160 илјади азиланти, од кои досега се преместени само 25 илјади. 

Известувачот на Европскиот парламент за одлуките за преселба на мигранти, Франческа Келер и претседавачот со Комитетот за граѓански слободи, Клод Мораес ја поздравија одлуката на Судот на правдата против жалбата на Унгарија и Словачка за одлуката на Европската унија да ги пресели бегалците од Грција и Италија.

Келер од Еворпската партија на зелените, рече дека сега откако Европскиот суд ги отфрли жалбите на Унгарија и Словачка, веќе нема изговор истите да не се спроведат. Наведе дека владините лидери, како Виктор Орбан, не можат да бараат повеќе пари за заштита на границите, додека во исто време го блокираат приемот на бегалци од Грција и Италија.

Келер додаде и дека сите земји- членки сега ќе мораат да ги исполнуваат своите обврски, наведувајќи дека „е лудо што повеќето земји сè уште заостануваат далеку зад определениот прием на мигранти и бегалци“.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто ваквата одлука на судот ја оцени како „запрепастувачка и неодговорна" и додаде дека ја загрозува безбедноста и иднината на цела европа.

„Ваквата одлука е спротивна на интересите на европските нации, како и унгарската нација. Веруваме дека она што се случи денеска е резултат на политичка одлука. Дури и по ова, Унгарија ќе продолжи да прави се во нејзина моќ за да ја заштити Унгарија и унгарскиот народ и нивната безбедност“- рече Сијарто.

Сијарто изјави дека Унгарија ќе продолжи да ги оспорува обидите на ЕУ да ги принудува своите земји- членки да примаат баратели за азил, како и дека е  време Унијата да се откаже од тој „неуспешен механизам“.

Според податоците на УНХЦР, околу 50.000 азиланти се уште се заглавени во Грција, додека во Италија имаше рекорден број пристигнувања во 2016-та година. Само оваа година, 99.742 луѓе пристигнаа во италијанската држава и тоа главно од Либија.

 

Марина Автовска